Navigation



Правилна исхрана
кај децата

 

 

 

 

 

 

 

 

Го прославивте првиот роденден на вашето дете. Тоа е веќе големо момче високо околу 75 цм и за трипати ја има зголемено родилната тежина (со поголеми или помали индивидуални отстапувања). Стои или чекори самостојно, предметите ги фаќа со палецот и показалецот на раката, ги кажува своите први  пет до шест збора со јасно значење и конечно го добива неговото и само негово  место на масата за јадење. Изборот на храната и начинот на исхрана ќе го определи семејството.

Што треба да содржи листата за јадење на вашето дете?
Месо - телешко, говедско, пилешко  подготвено со варење. Избегнувајте печено, а посебно пржено месо.  Свинското месо, сувомесните производи и разните месни преработки,  не се храна за вашето дете. Месото е богато со белковини, кои го снабдуваат организмот со неопходните есенцијални аминокиселини. Нив детскиот организам не може да ги создаде и тие мораат да бидат внесени  како такви со храната. Есенцијалните аминокиселини се основни градивни елементи за секој организам, а посебно за детскиот, за неговиот раст и развој. Оптимално е и се препорачува детето да косумира месо четири пати неделно како дел од главниот оброк.
Млеко и млечни производи - на крајот од првата година на доењето  или употребата на адаптираното млеко е веќе завршено и во секојдневната исхрана може да се премине на кравско млеко и негови преработки  -јогурт, кисело млеко, павлака, кашкавал бело и топено сирење. Млекото содржи белковини, масти шеќери но и калциум, витамин А, фосфор и калиум непоходни за работа на мускулите и нервната рамнотежа. Дневната потреба на детскиот организам од млеко и млечни производи не надминува 500-600 мл.
Риба - вообичаено децата не ја сакаат многу рибата но сепак би требало најмалку три пати неделно да се најде на нивната трпеза. Освен големата протеинска вредност рибата го снабдува организмот со есенцијални масни киселини, омега три масни киселини кои го штитат срцето и крвните садови и го јакнат одбрамбениот систем на детскиот организам, го штитат од инфекции.  Во текот на зимата и раната пролет се препорачува децата да добиваат најмалку 5 мл. рибино масло секојдневно со што се обезбедува 1/3 од дневните потреби од витамин А И Д неопходни за изградба на коскениот и мускулен систем на детето.
Свежо овошје и зеленчук- Секојдневно детето треба да консумира различно свежо овоштие  зеленчук најдобро сезонско и овошје и зеленчук на тлото. Покрај богатството од минерали и витамини зеленчукот и особено овошјето содржат шеќери кои му даваат енергија на детето.
Житарки - семки од различни видови житни растенија доплнети со суво овошје (палента,флејкс, мусли и сл.) најдобро е да се дадат како прв оброк во денот. Житарките содржат јаглени хидрати и витамини од групата Б, а сувото овошје е со висока енергетска вредност и богато со олигоелементи (фосфор, цинк, селен).
Иако сето ова го знаеете, секојдневно подготвувата разновидна храна сепак се случува вашето дете да одбива одредена храна, не сака месо, зеленчук или пак риба. Обидете се со неколку трикови. Земете го примерот на начинот на подготовка на храната во фаст фуд рестораните која дефинитивно децата ја сакаат. Рибата подгответе ја без глава и опашка како филе,исечена на стапчиња или крокети. Месото нека биде ситно сечкано или мелено. Зеленчукот, со различна боја, насечете го на ситни парчиња и наредете го на стапче како ражнич. На поголемото дете дозволете му, како главен готвач, заедно со вас да ја подготвува храната. Интересно за вашето дете ќе биде и саботната прошетка низ зелениот пазар. Ќе ги види и допре сите овоштија и зеленчуци, каде еден добар чичко ќе му подари убаво црвено јаболко.
Вашето дете посетува предучилишна установа. За разлика од повеќето земји во светот каде родителот индивидуално ја подготвува храната за сопственото дете, кај нас сеуште храната се подготвува во градинката по насока од нутриционисти и ги задоволува дневните потрби на детето според возраста. Изборот  на храната е балансиран и  содржи протеини, масти, јаглени хидрати, минерали и витамини во оптимален сооднос. Не заборавајте уште првиот ден да и кажете на учителката за храната на којашто Вашето дете е евентуално алергично или има неподносливост (интолеранција).
Често се поставува прашањето да ли наутро пред да тргне во градинка детето треба да појадува дома. Одговорот е не, не треба. Во првиот час од престојот во градинката детето го добива првиот оброк, заедно со другите дечиња. Ако веќе појадувало дома, во таков кус период од само еден час нема да може да појадува повторно, ќе го наруши редот и ритамот на групата. Запомнете дека учеството во хранењето е дел од процесот на социјално живеење на Вашето дете.
Во градинката детето добива два полни оброка. Потребно е внимателно да ја проучите листата на исхрана во градинката за да можете правилно да ја одредите содржината на попладневната ужинка и вечерниот оброк за Вашето дете. Најдобро е ужинката да биде од овошје или зеленчук, а за вечера млеко или млечни производи.
Вкупно, храната што детето ја добива во градинка и соответната храна што Вие ќе му ја подготвите во домот му обезбедува на Вашето дете здрава и правилна исхрана.

ПИРАМИДА НА ИСХРАНА КАЈ ДЕЦАТА

БАЗА НА ПИРАМИДАТА - житариците

Лебот, житариците, оризот и тестенините -се препорачуваат 6 порции дневно. Оваа група на производи е многу важна затоа што од неа организмот ја добива потребната енергија за растење, играње и учење, како и витамините од Б- групата. Овие производи содржат и доста прехрамбени влакна, кои се многу значајни за зачувувањето на здравјето.


ВТОР РЕД НА ПИРАМИДАТА - зеленчук и овошје
Се препорачуваат 3 порции дневно зеленчук. Зеленчукот содржи мноштво витамини и минерали исклучително важни за здравјето на децата. Во зеленчукот има многу витамин А, кој е многу важен за видот  и здравата  кожа.
Од овошјето се препорачуваат две порции дневно. Тоа содржи многу витамин Ц, кој помага во зајакнувањето на имунитетот на организмот.

ТРЕТ РЕД
НА ПИРАМИДАТА
- млеко, месо, риба...

Од млекото, јогуртот, сирењето се препорачуваат по две порции дневно. Овие производи содржат калциум, кој е значаен за здравите коски и заби. Почесто треба да се конзумира јогурт, млеко со помала масленост и свежо сирење, а поретко путер и масно или топено сирење.
Месо, риба, јајца, грав, соја, ореви, лешници, кикиритки се препорачуваат две порции дневно. Овие производи содржат белковини кои помагаат за развој на мускулите и железо кое е потребно за  битните функции на организмот.

ВРВ НА ПИРАМИДАТА - слатки и масти
Слатката, масна и солена храна треба да се јаде во помали количини.
Мастите се разликуваат меѓу себе,  па е важно кој вид го земаме. Избегнувајте ги маснотиите од месото и млечните производи. Кога детето ќе наполни 5 години, може од полномасно млеко да започне да конзумира млеко со 1-2% масленост.
При подготвување на јадењата користете маслиново, како  и останатите растителни масли: од пченка,  сончоглед,  соја. Слатките имаат многу калории, а малку хранливи материи, затоа избегнувајте бел шеќер, слатки напитоци, премногу мед, слатки сирупи и слично.
На помалите деца ( од 2-3 години) потребен им е ист број на порции, како и на поголемите деца, но секако тие треба да бидат помали.
И не заборавајте...
Најважно е да се избере здрава храна секој ден!




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.