Navigation



Мајчино млеко

 

 

 

 

 

 

 

 

Во развитокот на човештвото низ различни историски, религиозни, културолошки  и општествени состојби изборот на храна и начинот на исхрана на единката и  групата носат свои особености и карактеристики. Една и  единствена константа, неменлива се доењето и мајчиното млеко како прва и идеална храна за  новороденото дете. Доилката и нејзиното дете се привилегирани и обожавани во групата, особено во општествата кои се поблиску до есенцијалното сфаќање на животот.
Мајчиното млеко е со единствен состав, со извонрендно избалансиран сооднос на белковини , масти, лактоза, минерали и витамини. Составот на млекото се менува и во целост  ги следи и задоволува потребите на детето во текот на првите четири односно шест месеци од животот. Познато е дека составот на млекото се менува и во текот на само едно доење, во првиот момент е побогато со белковини,а во подоцнежната фаза од доењето со масти. Значи, не постои сиво, водлесто,слабо млеко.Често младите мајки имаат чувство дека бебето кое го дојат е постојано гладно, но тоа е резултат на одлична апсорпција и искористување на млекото, што лесно ќе се препознае по постојано водените пелени и златно-жолтата боја на столицата на бебето. 
Мајчиното млеко е здраво,  стерилно, но има специфично антибактериско и антивирусно дејство и го заштитува детето од некои инфекции на органите за варење и дишење.
Во мајчиното млеко евидентен е кусок на витаминот Д,  кој ќе биде надополнет со секојдневно додавање во вид на капки уште во текот на првиот месец по раѓањето.
Дефинитивно, составот на мајчиното млеко зависи од квалитетот на исхраната на мајката, од нејзините навики во однос на ритамот на хранењето, но и во дел од нејзиниот позитивен став кон новороденчето и доењето.
Колку често ќе го доите своето бебе зависи од индивидуалните потреби на бебето. Тоа секогаш ќе ве повика со плачење, што секоја мајка добро го препознава. Во првиот месец бебето се дои осум до дванаесет пати, без ред, речиси во целото деноноќие. Веќе во вториот или третиот месец детето си воспоставува свој дневно-ноќен режим на доење.
Првите пет минути од подојувањето се вистинско доење, кога бебето ги задоволува потребите од храна. Следните 10-15 минути  мајката и детето ги задоволуваат своите заеднички психо-емоционални и социјални  потреби-љубов,заштита и чувство на припаѓање на семејството и заедницата.
Успешното доење мајката ќе го забележи на лицето на своето бебе.Тоа е мирно, спокојно, најчесто во сон со насмевка на усните.
Доењето не мора секогаш закономерно да биде успешно. Причините за неуспехот можат да бидат бројни: од страна на мајката- да не е доволно зрела, социјално неадаптирана, исцрпена, болна со продолжена хоспитализација; од страна на новороденчето - да не е зрело, родено со екстремно мала тежина, тешко болно дете, дете со одредени малформации, напуштено дете; од страна на општеството и средината во која живее мајката.
Во последните децении на 20 век во т.н. високо индустриски развиени земји, под влијание на бројни декадентни однесувања и одродувања се направи обид и беше мода мајчиното млеко и доењето да бидат субституирани со т.н. формули, адаптирани млека и исхрана со шише. Секако, овој став не се прифаќа во општества и групи во кои животот се доживува и се дефинира како дел од исконскиот поредок во природата.




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.