Navigation



Велигденски јајца

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Повеќето стари народи (старите Египќани, Грци, Келти, Индијанци...) создавањето на светот го порзувале со јајцето како извор на животот, а велигденските јајца и денес се симбол на пролетното будење и новиот живот.
За Христијаните, јајцето  е симбол на Христовото Воскресение. Вапсувањето на велигденските јајца се прави на Величетврток. Се верува дека јајцата сварени и вапсани пред изгрејсонце не се расипуваат цела година, до следниот Велигден. Со првото вапсано јајце домаќинката им поминува на децата по образите додека спијат изговарајќи “да си бел, црвен како јајце, да си здрав како железо”. Првото вапсано јајце се користи и како заштита од град и се чува до Ѓурѓовден, а некаде и до Спасовден кога се закопува во нива или лозје за да го штити родот од град.
За успешно вапсување на јајцата добро е да ги знаете следниве работи: Јајцата пред вапсувањето треба да отстојат три часа на собна температура. Во поголемо тенџере на оган, кое може да ги собере сите јајца, ставете еден литар вода, додадете по една лажица сол и оцет и оставете водата да зоврие.  Бојата за вапсување на јајцата размешајте ја со малку студена вода. Кога водата во тенџерето ќе зоврие додадете ја размешаната боја и промешајте. Потоа вниматено во тенџерето ставете ги јајцата. Варете најмногу 5 минути. Доколку сакате јајцата да имаат сјај, премачкајте ги со крпа натопена со масло за јадење.

Природно вапсување на јајцата
Пред вапсувањето јајцата убаво измијте ги со вода во која сте додале малку оцет или лимонов сок, а потоа изберете зеленчук, овошје или тревки со кои ќе ги варите јајцата и така природно ќе ги обоите. Еве кои бои можете да ги добиете на овој начин:
Светло кафеава: лушпи од кромид (сварете ги лушпите од кромидот, а потоа во водата ставете ги јајцата и оставете ги да отстојат неколку часа, или во текот на целата ноќ - ако сакате потемна боја).
Портокалова: рендан морков
Светло-жолта: цветови од камилица
Зелена: спанаќ и коприва
Виолетова и темно-црвена: цвекло
Светло-црвена: ротквички или кора од врба.

Цртање со восок
Цртањето со восок е еден од традиционалните начини на украсување на јајцата. Железно перо прицврстено на дрвен држач се потопува во растопен восок, па на тврдо варено јајце се изработуваат ликови. Перото постојано се загрева на свеќа, така што со восокот подобро се работи. Кога восокот ќе се стврдне на јајцето, тогаш потопете го јајцето во боја, а потоа тргнете го восокот. На тој дел каде што бил восокот ќе остане необоен.

Камени јајца
За јајцата да изгледаат како да се од камен или од мермер, секое одделно завиткајте го во газа или некоја ткаенина. Потоа јајцето спуштете го во врелата вода во која сте раствориле сина боја за вапсување. Од сварените јајца отстранете ја газата или ткаенината и ќе добиете јајца со различни шари, а нијансите на сината боја ќе се движат од најсветли до темносини тонови.

Сликани јајца
Исцртувањето со водени боички и туш, па потоа премачкување со безбоен лак е техника која ќе ви овозможи белото јајце да се претвори во вистинско ремек дело.
Оние помалку стрпливите најчесто се определуваат за шарање со лепливи сликички и апликации во различни дезени.
Најмладите ќе бидат најсреќни доколку им овозможите јајцата да ги сликаат со разнобојни фломастери, изработени од бои кои не се штетни.
Јајца украсени со зачини или песок во боја
Самолепливата лента исечете ја во саканиот облик и залепете ја на сварените јајца. Во посебни садови издвојте разли­ч­ни зачини (сол, црн пипер, црвен пипер...). Секое парче од самолепливата лента свалкајте го во различен зачин. Наместо зачин, може да користите песок во различни бои.

Скапоцени велигденски јајца
Во светот најпознати се велигденските јајца што ги изработувал злата­рот на рускиот царски двор Фаберже, во кои уживале членовите на руското владетелско семејство. Карл Фабе­рже бил златар за време на царувањето на Александар Трети и Нико­лај. Изработил 57 уметнички и многу вредни велигденски јајца кои се подарувале на членовите на царското семеј­ство и нивните роднини. Јајцата биле изработени од разни материјали: дрво, порцелан, емајл, скапоцени камења, злато, сребро и претставувале вистински уметнички скапоцености. И денес колекционерите ширум светот не прашуваат за цената, која достигнува вртоглави суми, само за да дојдат до  некое од јајцата што ги изработувал Фаберже. Најголема колекција со 12 јајца од Фаберже поседува Малколм Форбс. 




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.