Navigation



Американска кујна

 

 

 

 

 

 

 

Најсликовит израз, кој најдобро ги опишува жителите на Соединетите Амери­кански Држави е “Мелтинг Пот” - “лонец во кој се стопуваат и се мешаат различни луѓе, обичаи, култури, раси, религии, па така и гастрономијата од сите делови на светот”. Американската кујна е многу разновидна и не може строго да се дефинира.
Тоа на што денес сите помислуваме кога ќе ја споменеме американската кујна пред се е брзата храна: хамбургери, помфрит, печено пилешко, хот-дог, салата од компири, пита од јаболка и традиционални јадења кои се јадат  за одредени пригоди, како полнета мисирка и сладок компир. Врежано е мислењето дека голем дел од популацијата живее на брза храна. Тоа навистина е така, а дома приготвената храна е вистинска реткост, иако не значи дека не постои.

Регионални кујни
Доселениците во САД, со себе ги донеле и специјалитетите од земјите од кои дошле, а времето покажало кои јадења се прифатени.
Североисточниот дел на САД, познат како Нењ Енгланд, познат е по силните јадења кои се приго­твуваат според рецептите на британските колонизатори, како и по јадењата од морски плодови.
Германците, Скандинавците, Источноевропејците, Русите, Британците и Италијаните и сите нивни кујни учествувале во создавањето на единствената кујна на средишниот дел на Северна Америка. Традицијата на Европа и локалните производи ја достигнале врвната убавина во комбинација со индијанската умешност на приготвување на храната, која е едноставна, но хранлива. Питите со месо, различните видови на леб, колачи, палачинки, морски риби, варива, закиселен зеленчук, па дури и сарма се најпознатите јадења од овој дел на САД.
Германците го донеле пивото, колбасите и саламите, како и разните видови на леб, Скандинавците ги донеле јадењата од риба, лебот од компири и месните топчиња, Унгарците го донеле гулашот, Италијаните начинот на подготвување на сирењето. Поради долгите и ладни зими во овој регион месото се суши, зеленчукот се кисели, а овошјето се конзервира.
Југоисточната кујна не е за оние со осетлив желудник. Таа е настаната според желбата на фармерите на кои за добра работа и издржливост им била неопходна обилна и хранлива кујна. Да споменеме само дека главно се темели на храна пржена во многу масло, со масни сосови и многу слатки десерти. Јужњаците покажуваат и голема наклонетост кон скарата. На скарата најчесто има поголемо свинско парче, особено маринирани свински ребра, кои полека се печат. Со јадењата од скара се служи свеж зеленчук, грашок и леб од пченка.
Жителите од француско- канадско потекло кои живеат западно и јужно од Нењ Орлеанс претпочитаат едноставна храна, полна со арома, во која доминантни се зачините од пиперки, лук и целер. Нењ Орлеанс се гордее со оригиналната кујна со доза на европски шмек. Тука има мешавина од шпанска и француска култура, како и културата на африканските досеелници. Тоа е складна мешавина од лесна креолска и француска кујна, со интензивни африкански и западноевропски зачини.
На кујната на југозападните држави најмногу влијаеле Индијанците, како и раните шпански доселеници од Мексико. Локалните производи и мексиканските зачини ја создале кујната на овој регион, чија варијанта Теџ-Меџ, е популарна во Тексас и долж мексиканската граница.
Скара и чили, типично каубојската храна е толку омилена, така што се одржуваат и годишни чили фестивали.
Калифорниската кујна се темели на многу свеж зеленчук, овошје и морски плодови, така да може да зборуваме за поздрава и полесна кујна. Разновидниот состав на населението има донесено делови од националните кујни и во спој со изобилството на плодови од природата се формирала калифорниската кујна.
Свежите производи се зачинуваат со необични зачини и затоа немојте да се изненадите доколку зелената салата, сервирана со авокадо и портокали, биде
зачинета со лут азиски сос со кикиритки. Многу се конзумира риба печена на скара, која се сервира со зеленчук на кинески начин и леб пржен на индијански начин.
САД се најголеми произво­дители и извозници на храна во светот. Затоа нема да згрешите доколку пробате било која од регионалните кујни, но најдобро ќе биде сепак да се одлучите за онаа кујна што е најприфатлива за вашиот вкус.




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.