Navigation



Австриска кујна

 

 

 

 

 

 

 

Покрај бројните сличности со германската кујна, австриската содржи и влијанија од различните етнички групи, кои во долгото владеење на Австро-Унгарската монархија, за време на кое границите се менувале, го менувале и начинот на подготвување на храната.
Така во австриската кујна може да се препознаат влијанија од германската, швајцарската, унгарската, турската, словенечката, хрватската, француската, шпанската, италијанската, хрватската и еврејската кујна.
Типичните австриски специјалитети се разликуваат во зависност од покраината и историското влијание, како и од производите кои во тој регион доминираат.
На пример, во кујната на Градишка забележливо е влијанието на традиционалната кујна на градишките Хрвати, како и на унгарската кујна. Изобилството на свежо овошје и зеленчук и одгледувањето на живина ги поттикнало жителите на овој регион да подготвуваат јадења како Гускин црн дроб со кромид или десерти со јагоди.
Во покраините Карнтен и Штаермарк присутна е медите-ранската кујна, со силно влијание на италијанската и унгарската кујна, како и на кујните од државите на поранешна Југославија. Во овие подрачја омилена е шунката и овошјето и зеленчукот, кои успеваат во поблага клима. Специјалитет на овој регион е Пиле полнето со зачински растенија.
Во регионот на Долна Австрија се забележува долгогодишната историска поврзаност со Средниот исток. Во оваа кујна базирана на ориентот, ќе ви ги понудат специјалитетите како Варени топчиња прелиени со сос од рен или ролат од јаболки.
Во Горна Австрија и во подрачјето покрај границата со Германија и Чешка доминира гастрономската класика, како Линцер торта или Целувки со ванилин шеќер.
Во специјалитетите на Тирол (студена и покраина богата со шума) се вбројуваат производи карактеристични за тоа подрачје, кои вклучуваат и традиционален увоз на производи од Италија и Швајцарија. Најпознати јадења во овој регион се Говедски црн дроб со кромид, капари, бело вино и лимонов сок сервирани со палента и Тестенини полнети со спанаќ и прелиени со растопен путер и пармезан.
Благодарејќи на богатата и динамична историја, виенската кујна е приказна за себе. Долгогодишните владетели, Хабсбурговците, го ширеле своето царство во државите со различни култури, но од таму прифаќале разновидни производи и начини на подготвување на јадењата. Виенската кујна е најпозната по Виенската шницла.
Најславното австриско јадење впрочем е многу нетипично за австриската кујна: во Италија ваквата похувана шницла се нарекува Цотолетта алла Миланесе. Но како и да е, оваа сочна шницла е прифатена во целиот свет, а освен на традиционалниот начин со печени компири, може да се сервира и со компир-салата.  Од останатите познати јадење на Виенската кујна ќе ги споменеме Супата со кнедли од пармезан, Гулашот многу сличен на унгарскиот и секако прочуената Сахер тортата.
Типичниот австриски оброк подразбира од 2 до 7 следувања, во зависност од поводот. Најчесто се започнува со предјадење, потоа следува супа, па главното јадење со неколку прилози, а се завршува со десерт- колач или торта.
Со доброто јадење Австријците претпочитаат да се напијат пиво или вино.
Традицијата на конзумирање кафе во Австрија е многу долга, па уште во 1730-тата година тогашниот Беч имал триесетина кафеани. Во кафето Австријците најчесто додаваат млеко, шлаг, шеќер, чоколада или разни видови на алкохол.




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.