Navigation



Чешка кујна

 

 

 

 

 

 

 

Територијата на денешна Чешка ја населиле Словените во шестиот век. И покрај тоа што одгледувале житарици, во нивната исхрана доминирало месото, а особено рибата и дивечот (срни, диви свињи, фазани...).
Подоцна Големоморавската држава ја завзеле  Унгарците и ги донеле своите традиционални јадења, меѓу кои и  гулашот. Гулашот во Чешка се подготвува од говедско месо, без зеленчук и не е така многу зачинет како унгарскиот гулаш. Гулашот во Чешка се подготвува и од дивеч и од пилешко месо.
Еден од најстарите производи кои Чесите често го  користат во исхраната е леќата, но и просото, кои заедно со циметот и  ѓумбирот во Европа ги донеле арапските трговци. Ѓумбирот на јадењата им дава луткаст вкус и има прочистувачко и стимулирачко дејство, додека кимот се користи во многу јадења, особено со свинското месо.
За времето на владеењето на Хабсурговците, кои се Чешка владееле скоро четири века - од 1526- та  до 1918 - та година, доаѓа до поврзување на чешката и австриската кујна.

КАРАКТЕРИСТИЧНИ ЧЕШКИ ЈАДЕЊА
Халушки се вкусни мали парчиња тесто, кои во чешката кујна се навлезени од Словачка, со која Чешка делела голем дел од својата историја.  Се јадат во комбинација со кисело зеље или со кремасто овчо сирење. Дали благодарејќи на Германците или Австријците, што и не е многу важно во Чешка е обичај да се додава шеќер во јадењата, а особено во салатите.
Чешка изобилува со реки и езера па и застапеноста на рибата во чешката кујна е голема. По крапот, втора по застапеност риба е пастрмката. Рибата се подготвува на повеќе начини: варена, печена, пржена.
Задолжителен дел од чешката кујна е лебот во облик на банана, кој се служи со главните јадења. Чесите го конзумираат со меко сирење или со сосови, го мачкаат со паштета или го јадат во хот-дог варијанта.
Меките кнедли се главен додаток во многуте јадења со сос. Се подготвуваат на разни начини, со леб, компир или сланина, а се полнат и со овошје најчесто со сливи.
Чесите често за ужина или како лесен ручек со пиво, леб и лук јадат мали парчиња сирење карактеристични по силната арома.
Свечената  трпеза  е незамислива без свински котлети, кнедли и кисело зеље. Благото похувано сирење во многу потсетува на пржените стапчиња моцарела. Се служи со помфрит и тартар сос.
Кога доаѓате во Чешка не заборавајте да го пробате доброто чешко пиво и киселкастите сушени кобасици, кои се служат со лук.
Голем минус ќе ви биде доколку не го пробате пивското сирење, кое се потопува во пиво додека не омекне. Вкусот најдобро ќе му го почуствувате во комбинација со црн леб и со ситно сечкан лук.
Во чешките месарници покрај познатата прашка шунка  и кобасици, се продаваат и прекрасни  салати со печурки, риба,...
Чесите никогаш нема да ви простат доколку не ја посетите легендарната староградска пивница ,, Златен тигар, во која времето го минувал и писателот Бохумил Храбал, кој тука ги запишувал приказните што ги слушал. Постојаните гости на оваа пивница ни малку не се збуниле која Вацлав Хавел тука го донел Бил Клинтон на кригла од најдобриот ,, Пилснер Урљуел.
Нема да погрешите доколку во било која пивница или вински подрум ја пробата одличната чешка кујна во која не недостигаат месо, компири и кнедли. Сепак најточниот коментар за оваа кујна  ќе ви го дадат самите Чеси во стилот на добриот војник Швејк: ,, Тешка е, напорна е, но е толку фина.  Во следниот број ќе ви ја претставиме грчката кујна.




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.