Navigation



Грчка кујна

 

 

 

 

 

 

 

Грчкта кујна е многу стара и позната. Уште во античко време грчките кувари биле многу високо рангирани, скоро како и филозофите кои честопати и самите биле големи гурмани и пријатели на добриот пијалок.
Свежите производи, употребата на ароматизирани растенија и зачини, маслиновото масло и едноставноста се основни карактеристики на грчката кујна. Благодарејќи на благата клима овошјето и зеленчукот се одгледуваат на природен начин, што се манифестира и врз нивниот квалитет. Надалеку   познати се грчките сирења, особено овчото Фета, кое ни е познато од грчките салати. И грчкото месо има специфичен вкус, затоа што овците и козите слободно пасат по ливадите и се хранат со ароматични растенија. Слично е и со морските плодови.
Таа земја така близу до Ориентот, не можела да остане имуна на одредени турски и арапски јадења, кои со текот на времето се одомаќиле во грчката кујна и í дале посебна драж.
Грците секој оброк го започнуваат со аперитив. Најчесто тоа е ракија, која под влијание на Ориентот е зачинета со анис.  Грците многу ги сакаат предјадењата - мезе. Тие запо­чнуваат со ротквички, па потоа маслинки, па се редат домати, печени риби, изнутрици на скара и така натаму додека не се стигне до печењето. Познати грчки предјадења се Долмодакиа - предјадење од ориз и листови од винова лоза со грозје, нане, лук и магдонос, потоа Тиропита - солена пита со сирење, Спанакопита- солена пита со спанаќ и сирење, Гигантес- бел грав печен во сос од домати и Тарамосалата- чаден бакалар со варени компири, лук и лимон. Но секако најпозната е извонредната грчка салата со фета сирење, домати, црни маслинки и лук, обилно зачинета со маслиново масло, како и  салатата од ситно сечкана зелка прелиена со масло и сок од лимон.
Супите најчесто се густи што од обилните додатоци, што поради јајцата кои се додаваат во супите. Од месо најмногу  јадат јагнешко и разни изнутрици.
Рибата се јаде печена на скара или пржена на маслиново масло. Најпознато грчко јадење е  мусаката од јагнешко, модри патлиџани и компири, зачинети со маслиново масло, лук, домати, бело вино и рендано сирење. Суфлакито е карактеристично грчко јадење- коцки месо на скара, се сервираат со сосот ѕаѕики и свежи домати и лук или како раженчиња, Пастисио - вид на макарони, подготвени со мелено месо и бешамел,   Каламари - лигњи пржени или на скара- се сервираат со разни сосови, Луканика - мали колбаси кои се подготвуваат на скара и се служат со лимон.
Од зеленчукот кој во Грција го има во изобилство, најбарани се доматите, модрите патлиџани, гравот и тиквичките. Сите јадења се подготвуваат со јаки зачини, а најчесто и со лута пиперка.
Десертите се прифатени од Истокот и тука целосно се одомаќиле. Тие  се многу благи, прелиени со мед и со зачини. Најпознати десерти се баклава  и локумадес.
Виното според грчката митологија е пијалок на боговите, бидејќи самиот бог Дионис им покажал на луѓето како се сади лозата. Судејќи според квалитетот има вистина во тоа. Грчките вина се познати.
Освен виното во Грција е омилено и узото. Внимавајте Грците никогаш нема да ви простат доколку не ја пофалите нивнта Метаџа со седум ѕвезди.
Уживањето во јадењето заедно со семејството и пријателите е дел од грчката животна филозофија. Атмосферата во грчките ресторани и таверни е релаксирана, неформална и пред се пријатна.




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.