Navigation



Мексиканска кујна

 

 

 

 

 

 

 

За мексиканската кујна се смета дека е една од најпознатите во светот. Голем дел од производите што се користат во разните кујни во светот, потекнуваат од Мексико. На пазарите во старо Мексико можело да се најде: грав, пченка, кикиритки, какао, домати, чили пиперчиња, тикви, папаи, маслинки, авокадо, компири, зелје, печурки, табаско пиперчиња, ванила, мед, а од месо: мисирки, елени, зајци, патки, фазани, и се разбира, риба и морски плодови.
Корените на денешната мексиканска кујна потекнуваат од времето на древните Маји и Астеки. Доаѓањето на Шпанците на овие простори придонело за збогатување на мексиканската кујна, па така и денес голем дел од ориенталните и медитеранските зачини кои тие ги донеле се незаменлив дел во секојдневната исхрана. Климата која во Мексико варира од континентална до суптропска, овозможува вистинско шаренило од најразновиден растителен и животински свет. Мексико има инспиративно мени, кое, кога ќе се проба - засекогаш ќе се засака.
Моле Поблано е најрепрезентативното национално јадење. Основниот облик на мексиканското моле е едноставен. Сосот се приготвува од чили пиперчиња и чоколада и се сервира врз месото. Издробеното семе од сусам или тиква само го засилува вкусот. Постојат многу варијанти на ова јадење, а некои од нив се тотално американизирани или добиле типично тексаски вкус, иако вистинското моле е исклучиво мексиканско јадење.
Мексиканската кујна денес е толку разновидна, што таа се смета дека е најздрава кујна на светот. Покрај сите видови на месо, риба и морски плодови, неодминлив е разновидниот зеленчук, кој се служи како прилог, а овошјето најчесто е десерт по јадењето. Ако погледнете како изгледа “најобичната супа”, ќе ви стане јасно дека ниту на тенџерето не му е јасно што се се наоѓа во него. Толку разновиден зеленчук, бои, ароми и вкусови нема да најдете речиси никаде во светот.
Доматите и пиперките се најчестите производи во мексиканските јадења, но постои и еден вид на домати томатилјос со вкус на лимон, јаболко и ароматични растенија. Овој вид се користи најчесто за подготвување на сосови. Познатата мексикан-ска салса (сос) е неизбежен додаток скоро со секое јадење. Многу се јаде грав и боранија. Постојат многу видови на грав од кои секој се подготвува на различен начин, во зависност од тоа за кое јадење се користи. Зачините се многу значаен детал при подготвувањето на секое мексиканско јадење. Најчесто се користи коријандер, и тоа свеж, но во негов недостаток, се употребува и свеж магдонос.
Понудата на пијалоци зависи од тоа во кој регион на Мексико се наоѓате.  Доколку сте расположени за алкохол, ќе ви бидат понудени разни ликери од кафе, пченка, палма или сотол ликер, пунч или овошни ферментирани пијалоци, и се разбира - мескал или текила. Љубителите на пивото може да избираат меѓу многуте видови, а за оние кои сакаат коктели, тука се незаборавните маргарити. Мексиканските вина ќе го задоволат и најпрефинетиот вкус. Мексиканците имаат и голем избор на “слатки води” кои ние ги нарекуваме лимонади. Тие најчесто имаат вкус на тропско овошје. Нема да згрешите доколку се напиете какао или кафе. Сепак најкарактеристичен мексикански пијалок е атол. Тоа е топла напивка која се подготвува од мелена пченка (слично на нашата боза). Се подготвува со млеко или вода, а се засладува со бел или жолт шеќер. Вкусот му го дава циметот, овошјето, бадемите или чоколадата. Се служи за појадок, вечера, или ужина, и секогаш со традиционалниот Кралски колач (Росца де Реѕес).
За оние кои секогаш сакаат да пробаат нешто ново, мексиканската кујна ќе ви понуди комбинација на разни вкусови, за кои не сте ни сонувале дека одат заедно. Луто и мед со месо, овошје со солени производи, разноразни зачини и маринади... Тие кои сакаат сî да пробаат, може да добијат одлични пржени скакулци или јајца од мравки, кои се нарекуваат кавијар и се сметаат за вистински деликатес.
Од тестата најпознати се тортиљите кои се основа на мексиканската кујна, независно дали се од пченка или од пченица. Постојат многу начини на подготвувањето на тестото, како ва-ријации на тортиљите, но во суштина сите се многу слични.
Љубителите на лутата храна секаде во светот не можат да замислат оброк без лути пиперчиња. И тоа не поради тоа што тие се здрави и преполни со витамините Ц и Е, туку поради тоа што им го зголемуваат апетитот и го засилуваат вкусот на храната. Чили пиперчињата потекнуваат од територијата на денешно Мексико и се омилен додаток во многу јадења низ целиот свет. Повеќе од 100 видови на оваа пиперка има само во Мексико, а уште неколку видови се одгледуваат во Јужна и Југозападна Америка, Југоисточна Азија, Кина, Индија, Северна Африка, Шпанија, а и ние можеме да се пофа-лиме со некои наши видови, кои слободно може да им конкурираат на мексиканските чили пиперчиња.




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.