Navigation



Унгарска кујна

 

 

 

 

 

 

 

Унгарците се народ со богата култура и начин на живеење и токму тука може најубаво да се забележи колку гастронимијата е значаен дел од културата. Од најразновидните производи со кои изобилува оваа  богата земја настанале вистински специјалитети, кои унгарската кујна ја вбројуваат меѓу најдобрите светски кујни.
Главна карактеристика на ,, огнената,,  унгарска кујна е обилното додавање на пиперката во многу јадења. Понатаму многу се користи маст (главно свинска), разни зачини, павлака или кајмак, а во последно време и печурки. Од унгарските јадења секоја домаќинка знае да подготви разни лути гулаши, паприкаши и чорби од риба, но се разбира дека изборот на вкусни јадења од оваа земја е многу поголем и поразновиден. Интересно е дека во Унгарија главно се служат разни топли чорби со додатоци на почетокот на оброкот, додека предјадењата се слабо застапени. Унгарците не робуваат исклучиво на своите лути јадења, туку  прифатиле и многу особини од кујните на другите  народи (најчесто од австриската и чешката кујна).
Најпознатото унгарски јадење гулаш, води потекло од унгарските пусти (тревнати степи, а  името го добило по тамошните чувари на стока), а преку Беч станало познато во целиот свет. Во многу земји под гулаш се подразбираат сите јадења зачинети со пиперка, но добрите познавачи на унгарската кујна разликуваат четири јадења во кои пиперката има важна улога. Тоа се: гулаш, перкелт, токањ и паприкаш, а има доста варијации од овие четири основни видови на јадење. Гулашот е густа, мрсна чорба со многу кромид и пиперки, со додаток од ситно сечкани компири и мали теста. Перкелт е јадење со многу кромид и со густ сос, а месото се динста. Токањ е јадење слично на претходното, но месото е поситно исечкано и има помалку кромид и пиперки ( кои може да се заменат и со црн пипер) ,а се додава павлака, печурки, грашок и друг зеленчук.
Паприкашот  наликува на перкелт, но му се додава повеќе павлака. За паприкаш се погодни разните светли меса ( пилешко, телешко, јагнешко, риба), додека темните меса  ( говедско, овчо, дивеч) и мрсното месо ( свинско, од гуска или патка) се погодни за перкелт или токањ. Гулашот најчесто се подготвува од говедско и пилешко месо, но може и од свинско и овчо месо. Познати се унгарските јадења од риба (особено паприкаш), кои се посебно вкусни ако се подготвени со смуѓ од езерото Балатон, или ако се стават неколку поквалитетни видови на слатководни риби. Од јадењата кои може да се чуваат подолго време би ги издвоиле тархоњ (ситно сушено тесто), и разните месни преработки. Колењето на свињите за  Унгарците  претставува вистинско доживување. Од десертите напознати се тортите, крофните, кремовите и палачинките.
Многу често може да слушнете дека Унгарците ја ставаат пиперката (свежа, кисела, мелена) во сите јадења освен во колачите, па да спонеме неколку податоци за овој зеленчук толку значаен за унгарската кујна. Пиперката во Унгаија е дојдена од Америка и се произведува во големи количини и со многу внимание.
Со специјалитетите на унгарската кујна одлично се вклопуваат познатите унгарски вина. Секоја покраина во Унгарија има вина со спечифичен вкус и мирис, а за најдобро се смета токајското вино ( од околината на градот Токај), кое навистина е нешто посебно. Ова вино наречено ,, вино на кралевите и крал на вината, може да биде суво или слатко, но нема да згрешите од било кое да се напиете. Многу познато е и црвеното вино егри бикавер од околината на градот Егер.
Повеќето унгарски вина се квалитетни и специфични, како и унгарските јадења  со кои одлично се вклопуваат и кои  вистинските гурмани задолжително треба да ги пробаат и да уживаат во нив.




Copyright © 2002-2008, MedFOCUS production.